Свет

Китот кој со денови беше насукан кај брегот на Германија, повторно пронајден заглавен

Грбавиот кит, кој со денови беше насукан во близина на германскиот брег на Балтичкото Море, повторно се заглави на друг песочен гребен, изјави денеска за ДПА портпаролката на „Гринпис“.

Китот кој со денови беше насукан кај брегот на Германија, повторно пронајден заглавен

Грбавиот кит, кој со денови беше насукан во близина на германскиот брег на Балтичкото Море, повторно се заглави на друг песочен гребен, изјави денеска за ДПА портпаролката на „Гринпис“.

Несреќното животно привлече огромно медиумско внимание откако се насука на песочен гребен рано во понеделникот кај германското одморалиште Тимендорфер Штранд, во близина на градот Либек. По неколкудневни неуспешни напори за негово ослободување, спасувачите во четвртокот ископаа канал во околниот песок користејќи пловечки багер, што му овозможи на китот, долг меѓу 12 и 15 метри, да отплива на слобода следната ноќ.

Сепак, екологистите и поморските експерти стравуваа дека китот би можел повторно да се заглави, бидејќи беше забележан како се враќа кон поплитките води по неговото ослободување. Тие стравови денеска станаа реалност, кога китот беше забележан насукан на песочен гребен во заливите на Висмар, околу 40 километри источно од Тимендорфер Штранд.

Интересно е што китот е пронајден насукан во близина на ненаселениот остров Валфиш (Walfisch), што во превод од германски значи „кит“.

По првичните набљудувања денеска, бројни официјални лица, научници и активисти се упатија кон заливот Висмар за да проценат дали на животното му е потребна помош. Големите китови, како грбавите китови, не се природни жители на Балтичкото Море, но повремено завршуваат таму следејќи ги јатата риби во потрага по храна. Според експертите, подводната бучава исто така може да игра улога во неговото присуство таму.

Стефани Грос од Институтот за истражување на копнени и водни диви животни (ITAW) изјави дека е невозможно да се постави уред за следење на китот бидејќи неговата кожа е премногу заболена.

To top