Кинеската амбасада во Панама ги повика САД да ја прекинат политиката на „уцена“ и „ограбување“ на централноамериканската земја која управува со каналот меѓу океаните, додека Вашингтон го обвинува Пекинг за „загрозување“ на водениот пат, пренесуваат агенциите.
„Кина никогаш не учествувала во управувањето или експлоатацијата на Панамскиот канал и никогаш не се мешала во работите на овој воден пат“, се вели во соопштението на кинеската дипломатска мисија, во кое се обвинуваат САД за „уцена“ и „ограбување“ на Панама.
Во соопштението се наведува дека вчерашните изјави на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за време на неговата посета на Панама „не се ниту одговорни, ниту основани“. Тој изјави дека „САД нема да дозволат комунистичка Кина или која било друга земја да го загрозува функционирањето или интегритетот на каналот“.
„Сакам да бидам многу јасен. Кина не го изгради овој канал, не го експлоатира. И нема да го користи каналот како оружје. Заедно со Панама ќе ја гарантираме неговата безбедност“, додаде Хегсет по средбата со претседателот Хозе Раул Мулино.