Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изрази оптимизам по почетокот на редовниот партиски конгрес, објави денеска државната агенција КЦНА, пренесе ДПА.
Зборувајќи на деветтиот Конгрес на Работничката партија на Кореја, што традиционално се одржува на секои пет години, Ким рече дека во тој период земјата ги надминала тешкотиите и претрпела фундаментални промени, според КЦНА.
Агенцијата објави дека на конгресот присуствуваат околу 5.000 партиски кадри, на кој ќе се одреди идниот курс на земјата – економски, воен и во однос на надворешната политика.
Се очекува Ким да даде и можни индикации за проширување на програмата за нуклеарно оружје на Пјонгјанг, пренесува ДПА.
Набљудувачите, исто така, бараат сигнал од Ким за подготвеноста да се вклучи во дијалог со американскиот претседател Доналд Трамп и јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг.
Поради релативно блиските односи со Кина, убедливо нејзин најважен трговски партнер, како и со Русија, Северна Кореја се наоѓа во поволна ситуација во споредба со претходните години, и покрај меѓународните санкции.
Пјонгјанг минатата година се вклучи во досега невидена воена соработка со Москва. Проценките на јужнокорејското разузнавање сугерираат дека околу 15.000 севернокорејски војници беа распоредени во повеќе бранови во поддршка на Русија во борбите во Украина, додека Пјонгјанг, исто така, ја снабдува Москва со големи количества муниција и артилерија.
ДПА потсетува дека според меѓународните стандарди Северна Кореја е една од најсиромашните земји во светот.
Извор МИА