Свет Вооружени лица

Киднапиран познат мексикански новинар

„Инспекторите не нашле индикации дека Барера претходно добивал закани“.

Киднапиран познат мексикански новинар

Истакнат новинар во западно Мексико бил киднапиран во понеделникот од вооружени лица и оттогаш се води како исчезнат, објавија странските агенции, повикувајќи се на изјава на Обвинителството.

Радио и телевизискиот водител Хаиме Барера е исчезнат откако ја напуштил зградата на радио станицата каде што работи во градот Гвадалахара, главниот град на државата Халиско. Тој не пристигнал во телевизија каде што требало да води емисија.

Како што пренесуваат локланите медиуми, случајот го привлече вниманието особено затоа што неговата ќерка Ицул Барера е член на управниот совет на владејачката партија Морена на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Јавниот обвинител на државата Халиско, Луис Хоакин Мендез денеска изјави дека Барера бил киднапиран од тројца или четворица киднапери, од кои најмалку еден бил вооружен, но не кажа дали во моментов се бара откуп за негово ослободување.

„Инспекторите не нашле индикации дека Барера претходно добивал закани“, додаде тој.

Киднапирањето се случило преку ден во прометна населба во Гвадалахара на само неколку метри од зградата на радио станицата. Сторителите го киднапирале Барера пред тој да стигне до својот автомобил.

Мексико е едно од најсмртоносните места во светот за новинарите надвор од воените зони. Комитетот за заштита на новинарите документира убиства на најмалку 55 новинари на мексиканска територија од 2018 година, кога претседателот Лопез Обрадор ја презеде функцијата. (МИА)

To top