Гласањето за општите избори во Ирска започнува денеска во 7 часот по локално време, а гласачките места ќе бидат отворени до 22 часот, јави ирската национална телевизија РТЕ.
Повеќе од 3,6 милиони луѓе имаат право да гласаат во 43 изборни единици за Долниот дом на ирскиот Парламент, што има 174 места.
На овие избори учествуваат над 680 кандидати.
Најверојатниот исход од изборите е враќање на власт на централно-десничарската влада на партиите Фајн Гаел и Фиана Фајл, но трката е се поизедначена и Шин Феин, кој сака да ја обедини Ирска, исто така има шанса за власт.
Независните кандидати, велат експертите, може многу да влијаат на исходот од изборите.
Изборите се предвремени со оглед дека редовните требаше да се одржат напролет следната година.
Ирските гласачи последен пат излегоа на гласање во февруари 2020 година, кога Фиана Фајл освои најмногу места. Партијата формираше коалиција со владејачките партии Фајн Гејл и Партијата на зелените. Фиана Фајл и Фајн Гаел, со коалициски договор, се менуваат на позицијата премиер (ирски: taoiseach).
Актуелната влада е предводена од 38-годишниот Сајмон Харис (Фајн Гејл), кој ја презеде партијата и владата во април и го доби прекарот „ТикТок таоисец“ поради неговите медиумски вештини. Иако партијата беше само трета на изборите, благодарение на него успеа да ја зголеми поддршката на пролетните европски и локални избори.
Кога беа распишани изборите, таа про-бизнис и социјално прогресивна партија водеше на анкетите со поддршка од околу 25 проценти, но по серијата јавни пропусти во кампањата во последните денови, таа падна за цели шест процентни поени во едно истражување на јавното мислење.