Иранската револуционерна гарда потврди дека извршила координиран напад со Хезболах врз северен Израел.
Ова е нивна прва заедничка операција против Израел од почетокот на тековната војна. За заедничкиот напад претходно објавија израелски извори.
„Либанското шиитско движење Хезболах истрела десетици ракети во северен Израел синоќа“, соопшти израелската војска, при што објави неколку погодоци.
Службата за итни случаи „Маген Давид Адом“ во Израел соопшти дека една жена и еден маж се полесно повредени. Израелската телевизија „Канал 12“ и онлајн изданието на весникот „Тајмс оф Израел“ објавија дека Хезболах истрелал вкупно околу 100 ракети.
„Тајмс оф Израел“ го опиша нападот како „најголемиот напад на Хезболах врз Израел“ од почетокот на овој месец, кога либанското шиитско движење го продолжи ракетирањето врз Израел по долга пауза во борбите.
Израелската армија вчера објави и дека започнала нов „голем“ бран напади врз цели на Хезболах во јужните предградија на либанската престолнина Бејрут. Претходно, армијата ги предупреди жителите на тие области да се евакуираат. (МИА)