Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се заложи за намалување на тензиите на Блискиот Исток кои дополнително ескалираа по меѓусебните напади меѓу Иран и Израел, јави ДПА.
– Војната и воената тензија никому не му користат во регионот, затоа мора да се најде решение. Сите страни треба да се фокусираат на изнаоѓање политичко решение, изјави за иранските медиуми Абдолахиан кој престојува во Њујорк.
Според него, „Израел мора да престане да врши воени злосторства во регионот, за да стане стане возможна хуманитарната помош и размената на заложници за затвореници во конфликтот во Газа“.
За време на престојот во Њујорк, каде што учествуваше на неколку седници на Обединетите нации, иранскиот министер за надворешни работи, нагласи дека Иран нема да одговори на нападите врз воени цели во централната иранска провинција Исфахан, за кои се верува дека ги извршил Израел.
– Немаше штета или жртви по нападот со мало беспилотно летало соборено во близина на Исфахан, рече Абдолахиан.
Тој ги опиша нападите како обид на произраелските медиуми да ја истакнат воената супериорност на Израел.
– Малите соборени дронови беа повеќе како играчки со кои си играат нашите деца, рече Абдолахиан, но предупреди дека Иран ќе одговори „жестоко и цврсто“ на вистински напад од Израел.