Иран подготвува напад врз Израел користејќи помоќни боеви глави и „други оружја“ што не беа користени во претходните два напади, изјавија за „Волстрит журнал“ ирански и арапски претставници.
Египетски функционер за американскиот весник изјави дека Техеран приватно го предупредил Каиро дека неговиот одговор на израелските воздушни напади на негова територија на 26 октомври, како одмазда за нападот со балистичка ракета на Исламската Република на 1 октомври, ќе биде „силен и сложен“.
Ирански официјален претставник изјави дека има потреба од одговор, бидејќи војската во нападот изгубила четворица војници.
Во извештајот на весникот се наведува дека во операцијата овој пат ќе биде вклучена и иранската војска, за разлика од ракетните напади на 13-14 април и 1 октомври, што ги изврши Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Официјалниот претставник додаде дека израелските воени локации ќе бидат нападнати „многу поагресивно од минатиот пат“ и дека ирачката територија може да се користи за лансирање ракети. (МИА)