Иран би можел да изврши напад врз Израел во следните 24 до 48 часа, пишува „Волстрит Журнал“, повикувајќи се на неименуван американски претставник.
Официјалниот претставник рече дека извештаите на американските разузнавачки служби укажуваат дека Иран во рок од неколку дена ќе изврши напад „веројатно на израелска територија“ .
Тој додаде дека Израел се подготвува за можен напад на јужниот или северниот дел на земјата, пишува „Тајмс оф Израел“. Друг официјален претставник вели дека официјален Техеран сè уште не донел конечна одлука.
Американскиот весник пишува дека Револуционерната гарда му дала на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи неколку опции за напад врз израелски цели. Меѓу опциите наводно е и директен напад врз Израел со софистицирани ракети со среден дострел.
Блумберг објави претходно оваа недела, повикувајќи се на неименувани извори, дека САД и нивните сојузници веруваат дека иранскиот напад врз Израел е неизбежен. (МИА)