Германската разузнавачка служба – Сојузна канцеларија за заштита на Уставот (БфВ) – бара поголеми овластувања во борбата против шпионажа и саботажа, што, според „Дојче веле“, наложува реформа на безбедносните закони.
Од почетокот на конфликтот во Украина, политичките и безбедносните структури се соочуваат со пораст на т.н. хибридно војување, кое претставува комбинација од воени и разузнавачки активности, придружени со дезинформации и пропаганда, и кое, како што наведува порталот, силно ја погоди Германија.
Претседателот на БфВ, Синан Селен, поради засилените закани, инсистира неговата служба да добие поголеми надлежности. Тој изјави дека постои комуникација што повеќе не може целосно да се дешифрира, како и актери кои користат псевдоними.
– Во тие области мора да имаме можност да продреме како разузнавачка служба, порача Селен, додавајќи дека за тоа се неопходни измени во безбедносното законодавство.
Министерот за внатрешни работи, Александар Добринт од баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), веќе најави реформи, а поддршка стасува и од канцеларскиот кабинет, каде Филип Волф го координира работењето на трите клучни разузнавачки служби: БфВ, Сојузната разузнавачка служба (БНД) и Воената контраразузнавачка служба (МАД).
Волф смета дека е неопходен засилен надзор врз интернетот, чување IP-адреси и полесна размена на лични податоци меѓу безбедносните служби.
Сепак, како што пишува „Дојче веле“, неизвесно е дали овие промени ќе бидат возможни, бидејќи опозициските партии и граѓанските организации редовно поднесуваат жалби до Сојузниот уставен суд против построги мерки – и најчесто успеваат.
Селен посочува дека е оптимист и наведува примери од други држави на Европската Унија.
– Франција и Холандија се значително пред нас. Во тие земји постојат помали правни ограничувања за надзор на сомнителни лица и помалку строги правила за заштита на податоците, изјави тој.
Што се однесува до соработката со САД, Селен оценува дека тешко може да се процени по објавувањето на новата безбедносна стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп, но додава дека не очекува прекин на партнерството.
Истовремено, нагласува дека сојузништвата треба постојано да се преиспитуваат и развиваат, при што Европа мора да стане „понезависна од САД“, особено во развојот на сопствени ИТ-системи за надзор и анализа на дигиталната комуникација.
Многу држави веќе користат американски софтвер „Палантир“, околу чија употреба во германските служби се води долга дебата.
Селен смета дека Германија треба да вложи во домашни решенија. – Имаме индустрии, имаме компании што тоа можат да го направат. Можеби им е потребна поголема поддршка, вели тој.
Воениот експерт Карло Масала од Универзитетот на Бундесверот во Минхен оценува дека руската стратегија кон членките на НАТО станува „сè поосмелена“ и дека Германија се смета за особено привлечна цел: – Ние сме јазол, истакна Масала, алудирајќи на географската и стратешката позиција на земјата.