Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел изјави дека нејзината земја ќе испрати дополнителни 150 војници на Косово.
– На Западен Балкан мирот често виси на конец. Обврските на НАТО и ЕУ одат рака под рака. Мисијата ЕУФОР обезбедува безбедност во Босна и Херцеговина, а НАТО КФОР на Косово. Германија ќе обезбеди до 150 дополнителни војници за КФОР, рече Бербок.
Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел изјави дека Косово и Србија биле теми на разговор на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Како што пренесува Бета повикувајќи се на приштински медиуми, тој ги повика Косово и Србија да создадат услови за спроведување на договорот.
– Ги повикуваме Косово и Србија да ја зголемат својата волја да се договорат за нивниот европски пат, рече Борел.
Според него, соработката на ЕУ и НАТО на Косово е од витално значење за ситуацијата на северот на Косово. Борел додаде дека ќе продолжат да обезбедуваат стабилност во овој дел на Косово и на административната линија со Србија. (МИА)