Руската разузнавачка служба ФСБ тврди дека обидот за атентат врз генералот Владимир Алексеев во петокот го нарачала украинската Служба за безбедност.
ФСБ исто така наведува дека во регрутирањето на напаѓачот учествувала и полската разузнавачка служба, пренесува новинската агенција Интерфакс.
За овие тврдења не се доставени никакви докази. Украина демантираше каква било вмешаност, додека Полска сè уште не се изјаснила за обвинувањата.
Во меѓувреме, руските безбедносни официјални лица информираа дека вчера од Дубаи во Москва бил екстрадиран руски државјанин роден во Украина. Тој е осомничен дека тешко го повредил генералот Алексеев.
Алексеев, заменик-началник на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, беше застрелан во петокот во својата станбена зграда во Москва и итно пренесен во болница. Руските истражители во петокот рекоа дека непознат напаѓач испукал неколку истрели во генералот и побегнал. Според „Комерсант“, Алексеев во саботата бил успешно опериран и се освестил, но и понатаму е под лекарски надзор.