Франција ги демантираше руските тврдења дека покажала подготвеност за дијалог за Украина или за разговори за можни мировни преговори, во вчерашниот телефонски разговор меѓу министрите за одбрана Себастијан Лекорну и Сергеј Шојгу, пренесе Хина.
Две години по почетокот на руската инвазија на Украина, руското Министерство за одбрана соопшти дека во телефонскиот разговор меѓу министрите Лекорну и Шојгу, била забележана „подготвеност за дијалог за Украина“.
Телефонскиот повик уследил по нападот врз концертната сала „Крокус“, крај Москва, што ги оживеа безбедносните стравови додека Франција се подготвува да биде домаќин на Олимпијадата која започнува во јули.
Разговорот се одржа на иницијатива на Франција и беше прв меѓу двајцата министри од октомври 2022 година.
-Тоа не е точно, изјави извор од француската Влада.
„Во ниту еден момент не покажавме подготвеност за дијалог за Украина, ниту за преговори, ниту нешто слично“, додаде изворот.
Во француското соопштение се наведува дека разговорот бил фокусиран на зголемената терористичка закана по нападот во Москва за кој одговорноста ја презема Исламска држава.
Во руското соопштение се наведува и дека секоја идеја за одржување состанок во Швајцарија за постигнување мир во Украина е „бесмислена“ доколку Русија не биде учесник. (МИА)