Европскиот парламент со 357 гласа „за“, 20 „против“ и 58 „воздржани“ денеска усвои Резолуција со која „силно се осудуваат“ неодамнешните ирански напади со дронови и проектили врз Израел и се повикува на воведување на дополнителни санкции кон Иран.
– Осудувајќи ги иранските напади од 13 и 14 април, Парламентот изразува сериозна загриженост поради ескалацијата на тензиите и заканата по регионалната безбедност. Европратениците ја повторуваат нивната целосна поддршка за безбедноста на државата Израел и нејзините граѓани и ги осудуваат симултаните лансирања ракети од страна на иранските сателити Хезболах во Либан и бунтовничките Хути во Јемен врз Голанската Висорамнина и израелската територија пред и за време на иранските напади, се наведува во Резолуцијата.
Во текстот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се изразува и жалење поради нападот врз Иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој е обвинет Израел, и се потсетува на важноста на почитување на принципот на неповредливост на дипломатските и конзуларните објекти, кој мора да се почитува согласно меѓународното право.
Со Резолуцијата се повикуваат сите страни да избегнуваат каква било понатамошна ескалација на тензиите и да покажат максимална воздржаност, при што се изразува „длабока загриженост“ поради „дестабилизирачката улога што иранскиот режим и неговата мрежа на недржавни субјекти ја играат на Блискиот Исток“.
Европратениците ја поздравуваат одлуката на ЕУ за проширување на актуелниот режим на санкции кон Иран, со можност за санкционирање поради снабдување и производство на ирански дронови и ракети за Русија и за поширокиот регион на Блиски Исток и бараат нивно итно воведување кон повеќе поединци и субјекти.
Резолуцијата го повторува повеќепати упатениот повик од страна на ЕП за вклучување на иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда на листата на терористички организации. Во текстот, исто така, се бара кон оваа листа да се придодаде и движењето Хезболах.
– Со оглед на тоа што Иран упорно не ги исполнува своите законски преземени обврски од неговиот нуклеарен договор, европратениците ги повикуваат иранските власти веднаш да ги исполнат овие барања и да ги надминат сите отворени прашања поврзани со договорот, се бара во Резолуцијата.
ЕП го осудува и користењето на т.н. „заложничка дипломатија“ од страна на Иран, односно држењето странски државјани во затвор за да се користат за пазарење, и ја повикува ЕУ да изработи стратегија за помош на семејствата на затворениците и за ефикасно спречување на понатамошно земање заложници.
Во Резолуцијата се поздравува и одлуката на ЕУ за отпочнување поморската операција „Аспида“, чија мисија е заштита на трговските бродови и слободната пловидба во реонот на бреговите на Јемен и се повикуваат Иран и „субјектите под негова контрола“ да ослободат членовите на екипажите заробени на бродови што минуваат низ регионот.
Инаку, денешната седница на Европскиот парламент е негово последно пленарно заседание пред евроизборите закажани за почетокот на јуни.