Свет Катимерини

Ердоган за „Катимерини“: Пријателе Кирјакос, не ви се закануваме, ако не ни се заканите

Се запрашува „дали бомбардирањето на болниците, нападите на училиштата, бегалските кампови, пазарите и убивањето цивили се компатибилни со западните вредности?“

Ердоган за „Катимерини“: Пријателе Кирјакос, не ви се закануваме, ако не ни се заканите

Ме прашавте што би му рекол на господинот Мицотакис. Ќе му кажам: Кирјакос пријателе, не ви се закануваме, ако не ни се заканите. Ајде да ја зајакнеме довербата меѓу нашите две земји, да ја зголемиме билатералната соработка во секој сектор, да покажеме заемна грижа за историскиот и културниот имот на нашите земји, без разлика дали се работи за прашањата во Егејското Море, или заедничката борба против нелегалната миграција или континуираните проблеми на турското малцинство во Грција, порачува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

На ден пред посетата на Атина и одржувањето на Високиот совет за соработка меѓу двете земји Ердоган истакнува дека не постои проблем што не можеме да се реши преку дијалог, врз основа на заемна добра волја и најавува потпишување на Декларацијата за пријателски односи и добрососедство.

Турскиот претседател истакнува дека со Грција се соседи и секогаш ќе останат соседи, вели дека делат иста географија, исто море, дишат ист воздух, поврзани се со нивното минато, но и дека постојат многу прашања за кои сè уште не успеале да ги решат, а од двете страни зависи дали ќе дозволат овие проблеми да предизвикаат тензии и раздор.

Говори за „нова страница“ во билатералните односи и принципот „вин-вин“, за кој вели дека „веќе е во сржта на турскиот пристап кон меѓународните односи и дипломатијата“ а „ако разликите се решаваат преку дијалог и се најде заеднички јазик, тоа е во корист на сите“.

-Неодамна, во рамките на оваа перцепција добивме добар импулс во обликувањето на нашите односи со Грција. Ги оживеавме билатералните механизми кои долго време беа во мирување. Нашите канали за дијалог се отворени и работат на сите нивоа. Чести се меѓусебните посети. Имаме волја, врз основа на заемна доверба, да ја развиеме нашата соработка во многу области важни за нашите земји и регионот. Сега двете страни имаат одговорност да ја воспостават, да ја институционализираат и да ја промовираат ова перцепција. Мислам дека и господинот Мицотакис ја има истата волја. Декларацијата за пријателски односи и добрососедство, која се надеваме дека ќе ја потпишеме во Атина на 7 декември, исто така јасно ќе ја регистрира оваа заедничка намера, вели Ердоган.

За изјавата од минатото упатена до Грција дека „една вечер може ненадејно да дојдат“, турскиот претседател објаснува дека од нив треба да се плашат само оние кои им се закануваат, а конкретната порака се однесувала до „терористичките елементи кои ја загрозуваат безбедноста на нашата земја и го направивме тоа што требаше да го направиме“.

Во однос на мигрантското прашање објаснува дека е важно ЕУ да ја поддржи Турција и неопходно е да се преземат заеднички мерки кои обезбедуваат еднаква поделба на товарот и одговорностите, нешто што според Ердоган, не треба да се ограничи само на соработката меѓу Турција и Грција.

На прашањето за одлуката Света Софија да се претвори во џамија, Ердоган објаснува дека Света Софија е во сопственост на фондацијата Фатих Султан Мехмет, а „со соодветна одлука на Државниот совет се користи за намената за која е посветена“ и истакнува дека нема ниту материјално ниту духовно да бидат оштетени иконографијата и другите уметнички елементи, кои ќе бидат заштитени.

Во интервјуто за „Катимерини“, Ердоган говори и за позицијата на Турција во однос на Газа и истакнува дека отсекогаш биле гласот на правичноста, правдата и совесноста во меѓународните односи и нивната главна цел е да бидат на вистинската страна на историјата.

– Реакцијата на Турција на неправдата и нехуманиот третман што ги трпи палестинскиот народ, како и фактот дека не избегнуваме да го критикуваме Израел за неговите постапки, кои јасно го кршат меѓународното право, меѓународното хуманитарно право и човековите права, се природно барање на оваа цел. Имајќи предвид дека многу западни земји денес заземаат сè повеќе слични позиции, исполнувањето на таквата морална обврска од страна на Турција за прашањето за Палестина не може да доведе во прашање дали таа му „припаѓа на Западот“ или не. Наместо да дебатираме за ориентацијата и позицијата на Турција, она што треба да се разгледа е фактот дека одредени западни земји понекогаш можеби ги игнорираат вредностите што силно ги бранат. Молкот за бруталноста во Газа е најживописниот пример за тоа, вели Ердоган.

Дополнително, се запрашува „дали бомбардирањето на болниците, нападите на училиштата, бегалските кампови, пазарите и убивањето цивили се компатибилни со западните вредности?“.

Турскиот претседател утре ќе биде во Атина за да учествува на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, а предвидено е да биде примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, потоа ќе следи средба со премиерот на Грција и изјава за медиумите, по што ќе се одржи и состанокот во форма на работен ручек, во присуство на Мицотакис и Ердоган и со учество на министри од двете земји. (МИА)

To top