Најмалку 22 американски политичари се соочиле со закани по острите јавни критики што на нивна адреса ги упатил претседателот на САД, Доналд Трамп, објави телевизиската мрежа Ен-Би-Си, повикувајќи се на сопствени сознанија и извори од безбедносните служби.
Според Ен-Би-Си, засилената и агресивна реторика на американскиот претседател кон поединци кои ги доживува како свои политички противници довела до бран закани упатени кон најмалку 22 избрани и именувани функционери на федерално и државно ниво. Станува збор за закани кои, во повеќе случаи, биле оценети како сериозни и наложиле ангажман на полициски и федерални служби.
Претходно беше објавено дека републиканската конгресменка Марџори Тејлор Грин, заедно со членовите на своето семејство, добила повеќе закани по живот. Таа во јавни настапи изјави дека се соочува со директна закана по личната безбедност, укажувајќи на атмосфера на политичко насилство и нетрпеливост.
Американскиот претседател Доналд Трамп, меѓутоа, изјави дека не смета оти постои непосредна опасност по животот на конгресменката, и покрај нејзините тврдења. – Не мислам дека некој сака таа да биде мртва, рече Трамп, минимизирајќи го значењето на заканите за кои зборуваше Грин.
Во меѓувреме, на 15 ноември стана познато дека шефот на Белата куќа нема да ѝ даде поддршка на Марџори Тејлор Грин на претстојните избори. Притоа, Трамп остро ја критикуваше конгресменката, нарекувајќи ја „лудa“, што дополнително ги поттикна јавните полемики за последиците од политичката реторика и нејзиното влијание врз безбедноста на јавните функционери во САД.