Европската Унија изразува загриженост поради зголемениот број на загинати и повредени во протестите во Иран и нагласува дека отфрла секое насилство врз мирни демонстранти, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар ел Ануни.
– Народот на Иран ги изразува своите легитимни аспирации за подобар живот. Секое насилство врз мирните демонстранти е неприфатливо. Ги повикуваме властите на Иран да ги почитуваат правата на слобода на изразување и на мирно собирање и да го возобноват пристапот до интернет за сите, рече Ел Ануни.
Тој додаде дека ЕУ внимателно ја следи состојбата во Иран, вклучително и најновиот развој на настаните во југозападниот дел од земјата.
Запрашан дали ЕУ поддржува промена на режимот во Иран и доколку дојде до таква смена кого ќе поддржи како иден лидер на земјата, Ел Ануни нагласи дека промена на режимот не е дел од политика на Унијата кон Иран.