Силна експлозија денеска одекна пред зградата на амбасадата на САД во главниот град на Норвешка, Осло, предизвикувајќи помала материјална штета, но без жртви и повредени, соопшти норвешката полиција.
Експлозијата се случила во комплексот на американската дипломатска мисија во западниот дел на Осло околу 1:00 часот по локално време.
– Можеме да потврдиме дека ударниот бран од експлозијата беше во американската амбасада – изјави портпаролот на полицијата Микаел Делмер за норвешката јавна телевизија Ен-Ер-Ко (NRK), додавајќи дека експлозијата го оштетила влезот на конзуларниот оддел.
Штетите се опишани како незначителни, а полицијата одби да го коментира видот на експлозивната направа додека истрагата е во почетна фаза.
Шеснаесетгодишен жител на населбата, кој за телевизијата Те-Ве 2 (TV2) се претстави само како Едвард, опиша дека глетката по силниот звук вклучувала полициски кучиња, дронови, вооружени полицајци и хеликоптери.