Пред Окружниот суд Басмани во Москва вчера се појавија сите четворица осомничени за нападот во концертната сала во предградието на Москва, во кој загинаа 137 лица, а 154 се повредени.
Двајца од нив, наведува Скај Њуз, ја признале својата вина за нападот, но сите ќе останат во притвор најмалку до 22 мај.
Како што пренесуваат руските медиуми, осомничените се обвинети за „тероризам“ и им се заканува доживотен затвор.
Пред судот вчера се појавија извршителите на ужасниот чин што го шокираше светот: Далерџон Баротович Мирзоев (32), Саидакрами Муродали Рачабализода (30), Шамсидин Фаридуни (25) и Мухамедсобир Фајзов (19), сите државјани на Таџикистан.
Според руските власти, на сите четворица осомничени Таџикистанци им е одреден притвор најмалку до 22 мај, пред да им се суди.
Руските власти претходно објавија дека се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица напаѓачи.
Бројот на загинатите во терористичкиот напад на салата во предградието на Москва се зголеми на 137, меѓу кои и три деца, соопштија вчера руските истражители, додавајќи дека на местото на настанот пронашле оружје и муниција.
Одговорноста за нападот ја презеде џихадистичката група Исламска држава. (МИА)