Бугарски суд го одби барањето на Либан за екстрадиција на рускиот бродосопственик поврзан со експлозијата во пристаништето во Бејрут во 2020 година, наведувајќи го како причина недостатокот на безбедносни гаранции од либанските власти.
Игор Гречушкин, руски бизнисмен од Кипар, чиј брод го превезувал експлозивниот материјал што експлодираше во август 2020 година во пристаништето во Бејрут, при што загинаа повеќе од 220 луѓе, беше приведен во септември во Бугарија поради можна екстрадиција во Либан, каде што е баран за неговата улога во катастрофата.
– Според Судот, Либан не доставил доволно докази за да се осигура дека нему нема да му биде изречена смртна казна или, ако биде изречена, таа нема да биде извршена, изјави Екатерина Димитрова, адвокатка на Гречушкин, по рочиштето одржано зад затворени врати.
Во експлозијата, една од најголемите ненуклеарни во историјата, беа уништени големи делови од Бејрут, а десетици илјади луѓе останаа без покрив над главата.
Гречушкин беше ставен на листата на барани лица на Интерпол во 2020 година на барање на Либан.
Надлежниот обвинител, Ангел Канев, рече дека ќе поднесе жалба на пресудата, тврдејќи дека либанскиот министер за правда, Врховниот суд и главниот обвинител ги дале потребните гаранции.
– Со оглед на тоа дека гаранциите се дадени од такви институции… верувам дека постојат основи за екстрадиција, им рече Канев на новинарите.
Истрагата за причините за експлозијата и можната небрежност на високи либански функционери трае со години, додека семејствата на жртвите укажуваат на влијанието на политиката врз случајот.