Бројот на жртвите во ураганот „Хелена“ во југоисточниот дел на САД се искачи синоќа на најмалку 215 лица.
Спасувачките тимови и волонтерите, кои се соочуваат со пречки на секој чекор во оддалечените планини на американската сојузна држава Северна Каролина, пловат по поплавените реки со кануа и користат коњи за да се пробијат низ свлечиштата од кал, во обид побрзо да стигнат до луѓето кои се погодени.
Една недела откако невремето првпат го погоди заливскиот брег на Флорида, продолжува потрагата по луѓе кои сè уште не се пријавени во областите каде телефонската услуга и струјата се прекинати. Апелите за помош доаѓаат од локалните жители на кои им недостигаат лекови или имаат потреба од гориво за нивните генератори.
Се уште не е јасно колку луѓе се исчезнати. Околу половина од жртвите биле во државата Северна Каролина, а уште десетици загинале во државите Јужна Каролина и Џорџија.
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека ослободувањето на дополнителен пакет помош за луѓето погодени од ураганот „Хелена“ не може да почека до изборите на 5 ноември.
-На луѓето сега им е потребна помош, рече Бајден.
Американскиот Конгрес нема повторно да се состане пред изборите на 5 ноември.