Белгискиот Кралски метеоролошки институт утрово прогласи жолто метеоаларм за зимски услови на речиси целата територија на Белгија, со исклучок на реоните крај брегот на Северното Море, откако во текот на ноќта земјата беше зафатена од снежни врнежи.
Според Институтот, во поголемиот дел од Белгија е формирана снежна покривка со дебелина од пет до 10 сантиметри.
Жолтиот метеоаларм за зимски услови значи температури под или околу нулата и можност од снег и појава на голомразица на патиштата, поради што на возачите им се препорачува дополнителна будност при управувањето со нивните возила.
Белгиската Агенција за патишта и сообраќај информира дека службите задолжени за чистење на снегот во утринските часови интензивно фрлале сол по патиштата со цел да ги направат помалку лизгави.
– Моментално на патиштата е мирно и за сега не се пријавени поголеми инциденти поврзани со лизгавите услови. Сепак, сè уште постои можност од снег на некои места, што може да биде опасно, особено за време или кратко по поројните дождови, изјави претставничката на Агенцијата, Катриен Кикенс за јавниот радиодифузен сервис ВРТ.
Таа додаде дека во услови кога температурите во делови од денот ќе бидат под нулата, Агенцијата внимателно ја следи состојбата и е подготвена одново да ги активира камионите за чистење снег доколку биде потребно.
Метеоролошкиот институт најави дека во текот на денов снежните облаци ќе се движат над Северното Море и над Холандија, па во Белгија не се очекуваат нови врнежи од снег, со исклучок на реонот на Ардените. Се предвидува снежната покривка да се стопи во поголемиот дел од пониските реони од земјата.
За вечерните часови се предвидуваат локални врнежи на смрзнат снег и ветер со налети до 55 километри на час, а во крајбрежните реони и до 65 километри на час. Во текот на ноќта се очекува премин на дождот во снег.
За утре се предвидува снежните врнежи да престанат во утринските часови и во текот на денот да биде ведро, но студено со температури од минус 6 до 0 степени.
В понеделник наутро одново се очекуваат локални снежни врнежи, што би можело да предизвика проблеми и застои во сообраќајот во текот на утринскиот шпиц во некои места. Дополнително се очекува студеното време да продолжи во текот на целата недела, со температури цело време под нулата во некои делови.