Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека му олеснало што поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп бил неповреден во безбедносниот инцидент во неговиот голф клуб во Вест Палм Бич, Флорида, кој се истражува како можен обид за атентат.
Бајден изјави дека осомничениот е во притвор и ја пофали работата на Тајната служба и другите агенции за спроведување на законот.
„Ми олесна што поранешниот претседател е неповреден. Овој инцидент е под активна истрага бидејќи полицијата собира повеќе детали за тоа што се случило. Како што многупати кажав, во нашата земја нема место за политичко насилство или каква било друга форма на насилство“, изјави Бајден, а се огласи и Белата куќа, пренесува Танјуг.
Потпретседателката на САД Камала Харис, која е претседателски кандидат на демократите и ривал на Трамп на изборите, објави дека е длабоко вознемирена од можниот обид за убиство на Трамп на неговиот имот на Флорида.
„Додека ги собереме сите факти, ќе бидам јасна: го осудувам политичкото насилство. Сите ние треба да го дадеме нашиот дел за да се осигураме дека овој инцидент не доведе до дополнително насилство“, рече Харис на мрежата X.
Белата куќа претходно објави дека Бајден и Харис биле информирани за безбедносниот инцидент кој се истражува како можен обид за убиство на поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп и дека ќе ги добијат најновите информации за текот на истрагата.
Во соопштението од Белата куќа беше истакнато „олеснувањето“ откако беше кажано дека Трамп е безбеден.
ФБИ објави дека поранешниот претседател и кандидат на републиканците на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп, бил предмет на „очигледен обид за атентат“ во неговиот голф клуб во Флорида.
Трамп беше однесен на безбедно од страна на Тајната служба, откако агенти на тајната служба отворија оган врз лице вооружено со полуавтоматска пушка, кое го впери оружјето кон неговиот голф клуб во Вест Палм Бич, Флорида, додека тој играше голф.
Пукањето се случи по два месеци откако Томас Метју Крукс изведе атентат на Трамп на митинг во Батлер, Пенсилванија на 13 јули, кога Трамп се здоби со повреда на увото.