Лидерите на речиси 60 арапски и исламски земји ги повикаа земјите од целиот свет да ја прекинат продажбата на оружје на Израел и да ги преиспитаат своите дипломатски и економски врски со еврејската држава сè додека не ја заврши војната во Газа.
Собирани во Доха за вонреден самит, лидерите во својата завршна декларација го осудија израелскиот напад од минатата недела врз лидерите на Хамас во главниот град на Катар. Сепак, тие не објавија никакви мерки против еврејската држава.
Лидерите ги повикаа земјите од целиот свет да ги „преземат сите законски и ефикасни мерки за да го спречат Израел да продолжи со својата агресија врз палестинскиот народ“, вклучително и воведување санкции и ембарго за оружје, според текстот на завршната декларација од самитот, на кој се собраа шефовите на државите на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС).
57-те земји-членки на ОИС, исто така, треба да ги здружат силите во рамките на ОН за да го замрзнат членството на Израел во светската организација, се вели во декларацијата.
Учесниците ја осудија „бруталната израелска агресија врз Катар и продолжувањето на израелските агресивни практики, вклучувајќи злосторства како геноцид, етничко чистење и гладување“, како и еврејските населби и експанзионистичките политики, велејќи дека тие ги поткопуваат сите изгледи за мир во регионот.