Свет

Арагчи: Иран е отворен за индиректни разговори со САД за нуклеарната програма

Трамп на 7 март рече дека испратил писмо до иранските власти во кое предлага преговори за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција.

Арагчи: Иран е отворен за индиректни разговори со САД за нуклеарната програма

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска изјави дека неговата земја е отворена за индиректни преговори со САД, по ултиматумот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп за нов нуклеарен договор.

„Патот е отворен за индиректни преговори“, рече Арагчи, отфрлајќи директни разговори со Вашингтон „додека не се промени пристапот на другата страна кон Иран“.

Во 2015 година, Иран во Виена склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.

Меѓутоа, во 2018 година, Трамп, во својот прв мандат како претседател на САД (2017-2021), еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.

Трамп на 7 март рече дека испратил писмо до иранските власти во кое предлага преговори за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција.

Арагчи минатата недела истакна дека писмото на Трамп е „повеќе закана“, но дека се чини дека содржи и можности, додавајќи дека Техеран наскоро ќе одговори.  (МИА)

To top