Конзервативниот блок на германскиот канцелар Фридрих Мерц првпат по неколку месеци се изедначи со крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), покажува најновата анкета на истражувачкиот институт ИНСА.
Доколку федералните избори се одржат оваа недела, 26 проценти од испитаниците би гласале за Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц или за нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), покажува анкетата спроведена за весникот „Билд“ и објавена денеска.
АфД веќе со недели има поддршка од 26 проценти, со што претходно беше пред партиите од владејачката коалиција. ЦДУ/ЦСУ последен пат беа изедначени со АфД во анкета на ИНСА во септември 2025 година.
Помалиот коалициски партнер на Мерц, Социјалдемократската партија (СПД), исто така забележа раст од еден процентен поен и достигна 16 проценти – највисоко ниво за партијата од јуни 2025 година.
Меѓу опозициските партии, Зелените останаа на 11 проценти, додека Левицата задржа 10 проценти. Две помали партии, Сојузот Сара Вагенкнехт (BSW) и Слободните демократи (ФДП), освоија 4, односно 3 проценти, што е под изборниот праг од пет проценти потребен за влез во парламентот.
Анкетата на ИНСА е спроведена во периодот од 26 до 30 јануари меѓу 1.204 гласачи со право на глас во Германија, со максимална статистичка грешка од околу 2,9 процентни поени.
Иако резултатите покажуваат подобрување за владејачките партии, изборните анкети вообичаено се предмет на неизвесност, поради намалената партиска лојалност и сè пократкорочните изборни одлуки на гласачите. Анкетите, затоа, го одразуваат расположението во моментот на спроведувањето и не треба да се сметаат за прогноза на изборните резултати, посочува германската агенција ДПА.