Американскиот претседател Џо Бајден ги повика завојуваните страни во Судан да ја прекинат крвавата борба за власт која трае веќе година и пол.
„Суданскиот народ 17 долги месеци трпи бесмислена војна која создаде една од најголемите светски хуманитарни кризи“, изјави Бајден.
Тој истакна случаи на киднапирање, сексуално насилство врз жени и девојчиња, како и гладот во Дарфур, повикувајќи на повторно започнување на преговорите.
„Ги повикувам завојуваните страни – Суданските вооружени сили (ВС) и Силите за брза поддршка (СБП) – да ги повлечат своите сили, да дозволат хуманитарна помош и да се вратат на преговори“, порача Бајден.
Судирите започнаа во април 2023 година, предизвикувајќи раселување на над десет милиони луѓе, од кои два милиони побегнаа во соседните земји, соопшти ОН. (МИА)