Општина Кисела Вода во тесна соработка со Општина Сопиште, денес спроведува заедничка генерална акција за чистење во областа Теферич. Со ангажирање на заедничките ресурси, вклучувајќи скипови, багери и тримери, екипите работат на отстранување на помали и поголеми депонии, постапувајќи по барањата на жителите од овој дел на општината. Во денешните активности на терен беа вклучени околу 40 сезонски работници и целата расположлива механизација за темелно расчистување на просторот.
На настанот присуствуваа градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, како и градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, кои заеднички ја следеа реализацијата на активностите на терен.
Оваа заедничка активност е во склоп на големата генерална акција која Општина Кисела Вода, заедно со ЈП „Комунална хигиена“, интензивно ја спроведува веќе цела недела. Акцијата за чистење на јавните површини се одвива во сите населби и населени места на територијата на целата општина.
-Денес ги здруживме силите со соседната општина Сопиште за да одговориме на потребите на граѓаните од Теферич и да ги отстраниме депониите кои го нагрдуваат овој предел. Оваа активност е дел од широкиот план за чистење што го започнавме пред една недела во сите населби и населени места низ Кисела Вода, во соработка со ЈП “Комунална хигиена”. Нашата цел е целосно подигнување на нивото на хигиена во секој дел од општината. Посебно радува ваквата убава меѓуопштинска соработка, која е важна и за овој настан, и воопшто, за подобрување на квалитетот на нивното секојдневие. Овие генерални акции ќе продолжат и во иднина и ќе ја опфатат целокупната територија, бидејќи чистата животна средина е наш врвен приоритет- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.