Со пробното тестирање на системот и пуштање во функција на препумпните уреди се заврши и се предаде во употреба фекална канализација во населба Илинден во месноста викана Плац, што претставува најнискиот и најкритичниот дел од населеното место Илинден.
Со градежните активности на терен се изведе линија во вкупна должина од 3800 метри фекална канализација, исто така се изградија и два препумпни уреди, при што овој колекторски систем се спои со потисен цевковод со веќе изградениот колекторски систем Илинден-Марино кој е во должина од 5 км.
Со фекална канализација се опфатија дел од улица „2“, улица „4“, дел од улица „6“, како и улиците „26“, „28“ и „30“. Дополнително, се остава простор во наредниот период да се догради останатиот дел од фекалната канализација за останатиот ден од улица „6“ и улица „1“. Фекалните води од овој систем кој го зафаќа влезот на н.м. Илинден ќе бидат одведени до излезот на н.м. Марино каде истите ќе се насочат кон пречистителната станица која ќе се гради во наредниот период.
Фекалната канализација и препумпните уреди се предадоа во употреба на ЈКП „Водовод“ – Илинден, кој во наредниот период ќе врши приклучоци за домаќинствата на системот.
Тестирањето се изврши во присуство на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој посочи дека со реализација на овие активности конечно после долг период жителите од влезот на населено место Илинден ќе добијат систем за фекална канализација, со што ќе се реши нивниот голем проблем со постојаните поплавувања на нивните дворови и објекти.
Инвестирањето во комуналната инфраструктура е од огромно значење за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живеењето во општина Илинден. Вложувањата во комуналната инфраструктура се од стратешко значење за Општина Илинден.