Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, присуствуваше на почетокот на градежните работи за изградба на атмосферска канализација на улицата „Томе Арсовски“ во населбата Бирарија. Проектот има за цел трајно решавање на проблемот со собирање и задржување на отпадните атмосферски води, кои поради специфичната теренска конфигурација често предизвикуваат потешкотии, особено при пообилни врнежи од дожд. Станува збор за значајна инфраструктурна инвестиција, финансирана од буџетот на Општина Кисела Вода.
-Изградбата и обновата на подземната инфраструктура, како што е и денешниот проект, се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за долгорочен, одржлив развој на општината- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска. Таа додаде дека вакви и слични проекти ќе продолжат и во периодот што следи, со цел системско унапредување на инфраструктурната мрежа.
-Ќе работиме во сите населби и населени места, со јасна заложба за рамномерен развој и еднаков пристап до квалитетна инфраструктура за сите жители, нагласи градоначалничката.