Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, најави дека почнала акција за подигање на непрописно паркирани возила кај Пазарот во Ченто.
-Општина Гази Баба во координација со МВР и Градски паркинг спроведе акција за подигање на возила кои беа непрописно паркирани на јавни површини, тротоари и коловози во околината на Пазарот Ченто. Со ваквото несовесно паркирање се попречува движењето на возилата, јавниот превоз и пешаците, а воедно се создава и небезбедна сообраќајна средина.
Јасно порачуваме дека нема да има толеранција за узурпација на јавниот простор и непрописно паркирање. Јавните површини мора да останат проодни и достапни за сите граѓани, рече тој.
Ваквите контроли и акции ќе продолжат и во наредниот период и на други локации низ општината со цел воспоставување ред во сообраќајот и поголема безбедност за сите учесници.
-Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не паркираат на тротоари и коловози и да покажат поголема сообраќајна култура. Заедно да создадеме почиста, побезбедна и поуредена општина, рече Стефковски.