Утре автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ нема да сообраќаат. Вака одлучи Синдикатот на ЈСП поради тоа што Советот на Град Скопје сè уште не одобри субвенции на претпријатието, па на вработените не им се исплатени платите за декември и покрај тоа што за утре е закажана вонредна седница токму за оваа прашање.
-Освен 10 автобуси за превоз на ученици во општините со кои имаме склучено договор, утрото во понеделник во 4:30 часот ниту еден автобус нема да излезе од базите на претпријатието. Ако им беше важно на 45 советници на Град Скопје да донесат одлука за субвенциите за ЈСП, тоа можеа да го сторат и вчера и завчера. Ние бараме плата за декември и редовна исплата на платите за 2024 година – истакна првиот синдикалец во ЈСП, Миќо Стојановски.
Прашан доколку утре се донесе одлуката за субвенции на седницата на Советот на Град Скопје, дали истиот ден ќе биде воспоставен повторно јавниот превоз, тој посочува дека и доколку се донесе таа одлука, нејасна е процедурата оти не се знае кога ќе биде исплатена плата.
-Доколку одлуката се донесе в понеделник, во разумно време, за парите да можат да легнат на сметката на претпријатието, во вторник ќе има јавен превоз. Во спротивно, автобусите на ЈСП нема да возат ниту во вторник – вели првиот синдикалец во ЈСП.
Тој потсетува дека одлуката за субвенциите на ЈСП досега трипати била на седница на Советот, и трипати била „ескивирана“.
За можноста да биде пуштен по еден автобус на сите линии, за превоз на учениците, бидејќи стартува второто полугодие, првиот синдикалец во ЈСП, Миќо Стојановски денеска изјави дека ќе се договара на вонредниот состанок со претставници на ЈСП, закажан за доцна попладнево.
-Поради бројни јавувања од родители и здруженија на пензионери треба да одлучиме дали ќе се пушти по еден автобус на сите линии за нивен превоз – потенцираше Стојановски.
Тој додаде дека ќе им се придружат и приватните превозници, бидејќи дел од субвенциите ќе бидат и за нив.