Скопје новогодишно во домот на градоначалникот на Гази Баба

„Се започнува и завршува во домот и со семејството“ вели во интервју за Курир Стефковски

Празнично интервју во домот на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски

„Се започнува и завршува во домот и со семејството“ вели во интервју за Курир Стефковски

Господине Стефковски Ви благодариме што го отворивте Вашиот дом за екипата за Курир со цел да го направиме ова интервју. Како ја поминавте новогодишната ноќ?

-Најнапред сакам на сите граѓани, Ваши читатели да им ја честитам новата 2024 година да им посакам пред се добро здравје, неизмерна среќа, хармонија во домовите и денови исполнети со убавини. Ви благодарам и на Вас за можноста да го направиме ова интервју.

Кога со сопругата разговаравме околу организацијата на дочекот на новогодишната ноќ, одлучивме истата да ја поминеме во домашна атмосфера и целосно да се посветиме на нашите двајца синови, бидејќи годините брзо минуваат, а децата раснат.

Како се поделени обврските во Вашиот дом? Имате ли Вие слободно време за грижа околу секојдневните обврски на вашите синови?

-Ова прашање доколку и го поставите на мојата сопруга, сигурен сум дека таа ќе Ви каже дека нема поделба на обврските, односно дека во најголем дел грижата за синовите е оставена на неа. Искрено изминатите две години по мојот избор за градоначалник на општина Гази Баба слободното време ми е доста ограничено, бидејќи Гази Баба е голема општина која е составена од 26 населени места во кои живеат повеќе од 70.000 граѓани и тоа само по себе бара посветена работа која често трае по 14 часови во денот. Генерално околу обврските кои ги имаат Марио и Матео во училиштето се грижи мојата сопруга, која и по професија е просветен работник, а она што јас го практикувам е редовно да се грижам околу тренинзите по фудбал кои ги посетуваат двајцата синови.

Курир

Велите дека често работното време Ви трае и по 14 часови, а тоа значи повеќе од половина од денот Вие сте отсутен од дома. Дали Ви забележува сопругата и децата за отсуството, односно дали имате доволно време за да им посветите на нив?

-Ова е прашање кое често го добивам и од моите пријатели и соработници. Јас со задоволство можам да споделам дека уште при мојата номинација за кандидат за градоначалник, потоа и во кампањата, па и во овие изминати две години од мандатот, најсилната поддршка ја добивам од сопругата Хилда и моите Марио и Матео.

Често по завршување на обврските кога ќе се вратам во домот практикувам да им посветам внимание дали тоа ќе биде преку некоја друштвена игра или пак заедно ќе проследиме некој фудбалски натпревар. Едноставно секој миг, секое слободно време дефинитивно им го посветувам на сопругата и синовите, особено во овие празнични мигови кога семејната среќа и љубов се оние кои изобилуваат насекаде.

И покрај тоа што велите дека за време на празниците времето го посветувате единствено на семејството, она што можевме да го видиме вчера за време на новогодишната ноќ е додека сите славеа, Вие бевте во посета на јавните служби кои имаа свои дежурства, што говори за Вашата општествена одговорност. Која е целта на овие посети на новогодишната ноќ?

-Минатата година за прв пат ја реализиравме оваа активност и истата ја направивме традиционална. Целта на посетата е како градоначалник да бидам солидарен со нив, да ја изразам мојата почит и благодарност за нивната посветена работа но и да им посакам мирна новогодишна ноќ, бидејќи додека сите ние прославувавме, тие се грижеа за нашето здравје и нашата безбедност. За жал политиката не изостана ниту на новогодишната ноќ. Па така оваа посета преку која сакав да го искажам моето признание кон луѓето кои работат на новогодишната ноќ беше оневозможена да се реализира во Полициската станица од општа надлежност Гази Баба и Противпожарникарната бригада на Град Скопје.

Пред нас се и празниците Бадник и Божиќ. Како во Вашето семејство се чествуваат овие два големи христијански празници?

Одговор: Бадник и Божиќ се големи празници и тие во нашиот дом се чествуваат онака како што налага традицијата. На Бадник во текот на вечерта ја реализираме бадниковата вечера со кршење на лебчето со паричка, а за Божиќ традиционално денот го минуваме на ручек кај моите и родителите на сопругата.

Курир

Иако интервјуто е празнично, не можеме а, да не се осврнеме на работата на општина Гази Баба. Дали сте задоволен од она што е реализирано во 2023 година од страна на локалната самоуправа?

-Без воопшто да делувам не скромно со целата одговорност ќе кажам да, задоволен сум од она што го сработивме во изминатата 2023 година. Реализиравме голем број на проекти, решивме низа на проблеми на граѓаните. Едноставно работевме одговорно, чесно и посветено!

Неодамна беше усвоен буџетот на општината за новата 2024 година. Вие го нарековте “Граѓански буџет”. На што се должи овој наслов и кои се најголемите проекти за кои обезбедивте средства во новиот буџет?

-Буџетот го носи името “Граѓански буџет” бидејќи истиот е креиран од страна на граѓаните. Пред да биде изготвен од службите на буџетот му претходеа неколку фази на изработка. Во првата фаза реализиравме работен состанок со претседателите и секретарите во Урбаните и Месни заедници од целата општина, а во втората фаза оддржав средби со граѓаните во сите населени места на кои граѓаните ги дадоа своите идеи и предлози. Во третата фаза оддржавме работна средба со советниците од советничките групи на сите политички партии и заеднички го креиравме буџетот. Она што со задоволство можам да го кажам е дека создадовме развоен буџет кој ќе донесе силен развој за општина Гази Баба во новата 2024 година.

Во овој буџет се определени средства за изградба на новата училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков во Ченто, нови детски градинки во Трубарево, Инџиково и Керамидница, комплетна реконструкција на културниот дом во Ченто, изградба на фекални канализациони системи во повеќе населени места, асфалтирање на локални улици, изградба на детски катчиња, спортски терени, зелени паркови и голем број на други проекти.

Како што кажав на крајот на 2022 година, така кажувам и сега на почетокот на 2024 година, а тоа е дека очекувам оваа 2024 година да биде поуспешна од претходната 2023 година.

2024 година е година во која ќе се организираат два изборни процеси во Република Македонија. Кои се Вашите очекувања од изборите?

Она што е сигурно е дека 2024 година ќе биде година на промени во Република Македонија. Граѓаните се разочарани од работата на Владата, високиот степен на корупција, нефункционалниот правосуден систем, неможноста да се обезбеди сигурна здравствена заштита, постојаниот раст на инфлација… Моите очекувања се на иста линија со ставот на граѓаните кој е изразен на сите релевантни испитувања на јавното мислење, а тоа е дека на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата убедливо ќе победат, а на претседателските избори ќе победи кандидатот за претседател на Република Македонија кој ќе биде номиниран од ВМРО-ДПМНЕ.

За крај се наоѓаме на половина од Вашиот мандат како градоначалник на општина Гази Баба. Од оваа гледна точка дали Бобан Стефковски ќе бара нов мандат за градоначалник на Гази Баба или пак ќе одите чекор понатаму и размислувате да се кандидирате за градоначалник на Град Скопје?

-Како што велите и во прашањето се наоѓаме на половина од мојот мандат како градоначалник на општина Гази Баба и во овој момент јас сум целосно посветен единствено на реализација на што поголем број на проекти кои ќе им го направат подобар и поквалитетен животот на граѓаните на општина Гази Баба. По однос на тоа дали ќе се кандидирам за втор мандат или пак нешто повеќе од тоа на крајот од денот одлучуваат повеќе фактори, мислењето на граѓаните, размислувањето на органите на партијата и слично. Сеуште е многу рано за било какви политички калкулации по однос на тоа прашање.

To top