Скопје Општина Кисела Вода

Промовиран едукативниот филм „Кликни безбедно“ во Кисела Вода: Заедничка мисија за заштита на децата во дигиталниот свет

Подеднакво важно е да обезбедиме механизми за поддршка на секое дете кое може да биде изложено на ризик- истакна Стаменкоска Трајкоска.

Промовиран едукативниот филм „Кликни безбедно“ во Кисела Вода: Заедничка мисија за заштита на децата во дигиталниот свет

Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода денеска се одржа промоција на едукативниот анимиран филм „Кликни безбедно“. Настанот, кој е дел од проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет, ги обедини претставниците на централната и локалната власт во заедничката цел: подигнување на свеста за дигиталната писменост и заштита на најмладите во виртуелниот простор.

На промоцијата, покрената на иницијатива на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, присуствуваа и градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, како и директорката на Бирото за развој на образованието Милка Тримчевска.

Филмот е наменет за најмладите и има за цел на едноставен и разбирлив начин да ја доближи важноста на дигиталната писменост, како и безбедното, одговорно и етичко користење на интернетот. Во време кога децата сè порано се среќаваат со дигиталниот свет, наша заедничка одговорност е да создадеме средина во која технологијата ќе биде алатка за учење, креативност и развој, а не извор на ризици.

Затоа ваквите иницијативи се особено важни – тие ја поттикнуваат соработката меѓу институциите, училиштата и родителите, со заедничка цел: побезбеден интернет за секое дете. Анимираниот филм ќе биде достапен во сите училишта низ Македонија, а ќе имаат можност да го прикажуваат и сите телевизии-изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја поздрави иницијативата на Министерството, нагласувајќи ја важноста на меѓуинституционалната соработка во заштитата на децата. Таа потенцираше дека ова е значаен чекор кон поставување на инфраструктура за Национален центар за побезбеден интернет во Македонија, вмрежен со европските центри.

-Оваа промоција претставува силен апел за будност во дигиталното време во кое живееме. Дигиталниот свет нуди бескрајни можности, но наша заедничка одговорност, како градоначалници, министри, наставници и пред сè како родители, е да ги научиме децата како да го користат интернетот безбедно, етички и одговорно. Подеднакво важно е да обезбедиме механизми за поддршка на секое дете кое може да биде изложено на ризик- истакна Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека Општина Кисела Вода останува цврст партнер на ваквите проекти, бидејќи нивната главна цел е секое дете да се чувствува заштитено -не само во училишните клупи, туку и во онлајн просторот.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја потенцираше важноста на заедничкиот пристап кон овој предизвик, нагласувајќи дека дигиталната едукација мора да биде достапна до секое семејство низ државата.

-Во време кога децата сè порано влегуваат во дигиталниот свет, наша заедничка обврска е да создадеме средина во која технологијата ќе биде простор за знаење, креативност и развој, а не извор на ризици. Токму затоа ваквите иницијативи имаат особено значење, да ја поттикнат соработката меѓу институциите, училиштата и родителите, со цел побезбеден интернет за секое дете. Анимираниот филм ќе биде достапен за прикажување во сите училишта низ Македонија, а можност за негово емитување ќе имаат и телевизиите, со што пораката за дигитална безбедност ќе стигне до што поголем број деца и семејства-порача Ѓорѓиевски.

To top