Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денес оствари работна средба во една од станиците на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, лоцирана токму на територијата на општина Кисела Вода. На средбата со раководителката на опсерваторијата, проф. д-р Катерина Дрогрешка, и деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески, беше воспоставена стратешка соработка насочена кон поголема безбедност на граѓаните.
Оваа соработка првенствено се фокусира на образовниот процес преку обуки и едукативни сесии за наставниците и учениците од основните училишта во општина Кисела Вода, со цел младите генерации да стекнат стручни вештини и знаења за справување со природни појави. Паралелно со ова, Општината дополнително ги надградува своите капацитети за сите идни планирања и градење објекти, со цел обезбедување високи стандарди за нивна сеизмичка безбедност.
-Денешната посета е потврда на нашата посветеност да градиме општина чие делување се потпира на научни факти и стручни анализи. Наша обврска е да обезбедиме највисоко ниво на сигурност, а сакаме тоа знаење првенствено да го пренесеме во училиштата, бидејќи едуцираните млади луѓе се најсилниот столб на една заедница. Паралелно со ова, целта е дополнителна надградба на знаењата на нашиот Сектор за урбанизам преку директна размена на релевантни податоци со врвните експерти. На овој начин, нашето искуство во планирањето и градењето го зајакнуваме со најновите научни анализи за уште побезбедни објекти во Кисела Вода. Благодарна сум на проф. д-р Дрогрешка и проф. д-р Трпески за поддршката во оваа заедничка мисија- истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.