Скопје

​​Општина Кисела Вода ќе отвори нова градинка во Потстаница

Тој во наредниот период ќе претрпи темелна реконструкција и ќе биде уреден според сите стандарди кои се бараат за една современа градинка.

​​Општина Кисела Вода ќе отвори нова градинка во Потстаница

Општина Кисела Вода ќе отвори нова градинка во Потстаница. со донесена одлука од Владата на Република Македонија, Општина Кисела Вода правно го презеде управувањето со објектот кој претходно припаѓаше на ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци –Скопје.

Тој во наредниот период ќе претрпи темелна реконструкција и ќе биде уреден според сите стандарди кои се бараат за една современа градинка.

-Во контекст на нашите заложби за отворање на нови места за деца во градинките, големо е моето задоволство што можам да најавам отворање на уште една градинка, во Потстаница. Имено, со одлука на Владата на Република Македонија, објектот правно го презедовме од ЈЗУ Завод за рехабилитација на деца и младинци –Скопје и го добивме на трајно користење.
Во периодот што е пред нас ќе се посветиме на негова целосна реконструкција и адаптација, со што тој би ги задоволил сите зацртани стандарди што се потребни за дечињата да добијат современ простор за нивно згрижување. Сакам да упатам благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за брзата реакција и позитивниот одговор што го добивме со што ќе се овозможи отворањето на новата детска градинка. Убаво е кога се делат заеднички вредности и кога се имаат исти перспективи за тоа што е најдобро за нашите најмлади. Се надевам дека ќе реализираме уште многу вакви и слични проекти кои во фокусот го ставаат позитивниот развој на децата. Сакам и да потсетам дека кога го презедов мандатот, наследивме листа на чекање за упис во градинка со 450 деца. Во изминатите три години, отворивме две нови градинки и ги проширивме капацитетите во многу други постоечки градинки. Овие мерки значително го намалија бројот на деца кои чекаат за упис. Моментално, уште две градинки се во процес на изградба. Едната градинка е во фаза на изградба, а за втората, во Расадник, се обезбедени средства, изготвен проектот и наскоро ќе почне градбата. Како што ветив, до крајот на мандатот нема да постојат листи на чекање за упис во градинка и сакам да истакнам дека сме на одличен пат целосно да го исполниме ова ветување-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

To top