Градежните активности за унапредување на локалната патна мрежа во Општина Илинден продолжуваат со засилена динамика. Во изминатиот период продолжи реконструкцијата на вториот дел од улицата „11“ во н.м Кадино, проект кој значително ќе придонесе за подобрување на безбедноста и квалитетот на сообраќајната инфраструктура за жителите.
Се работи за реконструкција на улица во должина од околу 500 метри и широчина од 5,5 метри. Проектот предвидува целосна обнова на коловозот, како и изградба на нов тротоар со широчина од 1,5 метри, што ќе овозможи побезбедно движење на пешаците.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во текот на градежните активности и истакна дека со оваа фаза се заокружува реконструкцијата на главната улица „11“ во Кадино. Со претходно обновениот дел, вкупната должина на улицата изнесува околу 720 метри. Тој нагласи дека средствата за реализација на овој значаен инфраструктурен зафат се целосно обезбедени од буџетот на Општината.
Со постојани вложувања во патната инфраструктура, Општина Илинден ја потврдува својата определба за рамномерен развој, урбанизација и модернизација на сите населени места.