Во големата сала на Општина Кисела Вода вечерва се одржа Буџетски форум, организиран со цел креирање на буџетот за 2025 година. Настанот, кој се одвиваше под слоганот „Мојот народ одлучува, буџет 2025“, претставуваше можност граѓаните директно да учествуваат во дефинирањето на приоритетите и потребите на локалната заедница.
Жители на општината, претседатели на месни заедници, секретари и членови на одборите активно дискутираа со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и раководителите на секторите од општинската администрација. Граѓаните предлагаа идеи од различни области, како што се инфраструктура, образование, култура, создавање на паркинг места, и многу други. Сите предлози беа разгледувани од финансиски и технички аспект, при што голем дел од нив беа прифатени за понатамошна реализација.
Како дел од форумот, присутните пополнија и анкетни листови со цел детално да ги истакнат своите идеи и приоритети.
-Денес сме тука заедно, за да го трасираме нашиот заеднички пат кон креирање на буџет на Општина Кисела Вода кој е одраз на вашите потреби, идеи и приоритети. Месните заедници, чии претставници сте вие, како форма на делување, отсекогаш биле првиот гласник на проблемите и потребите на граѓаните. Вашето учество овде денес е од исклучителна важност, бидејќи вие сте оние кои први ги дознавате реалните предизвици, но и можностите на секој наш жител, од секоја улица, од секое маало-истакна градоначалникот во своето обраќање Тој го нагласи досегашниот успех на транспарентниот и инклузивен пристап во работата на општината, подвлекувајќи дека дури 95% од неговата четиригодишна програма е реализирана. Додаде дека бројни проекти, кои не биле планирани во програмата, се спроведени врз основа на идеи и потреби изразени токму преку вакви форуми.
Настанот продолжува утре со нова форумска сесија на која граѓаните ќе земат активно учество во одредувањето на приоритетите за буџетот за 2025 година.