Скопје Кисела Вода

Кисела Вода добива уште една нова градинка во Расадник!

Во општината, сега за упис чекаат само околу 40 деца. Во моментов, во завршна фаза е изградбата на градинката „Верверичка“, во близина на општинската зграда, а веќе сме во процес и за изградба на нова градинка во населбата Потстаница.

Кисела Вода добива уште една нова градинка во Расадник!

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со Премиерот Христијан Мицкоски, зам. министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и директор на ЈДГ “8 Март”, Силвана Савовска денес поставија камен темелник на нова градинка во населбата Расадник со капацитет за 120 деца. Со изградбата на оваа и завршувањето на објектот “Верверичка” и градинката во Потстаница, чија изградба е во процес, Кисела Вода целосно ги затвора листите за чекање за упис во градинка, а ќе може да прими и деца од други општини.

-Денес е значаен ден за нашата општина. Со огромна гордост и задоволство го означуваме почетокот на изградбата на новата детска градинка, тука, во Расадник, која ќе може да прими 120 дечиња. Меѓу нив, ќе има место и за најмладите, бидејќи во објектот кој ќе се протега на површина од 795 квадратни метри, со 6 занимални, од кои две се за јасли, што значи исполнување на едно огромно барање на жителите на Расадник. Вредноста на овој капитален проект е 35 милиони денари. Она што сакам да го нагласам е дека со завршувањето на изградбата на овој објект, листите на чекање во градинката “8 Март” целосно ги затвораме. Едновремено, ќе потсетам дека од почетокот на мојот мандат, со наследена листа на чекање со 450 деца, во изминатите три години вложивме во отворање на две нови детски градини и проширување на капацитетите и обнова на дури седум други објекти. Со тоа, во општина Кисела Вода, сега за упис чекаат само околу 40 деца. Во моментов, во завршна фаза е изградбата на градинката „Верверичка“, во близина на општинската зграда, а веќе сме во процес и за изградба на нова градинка во населбата Потстаница. Со завршувањето на овие објекти, вклучително и денешниот, нема само да ги елиминираме листите на чекање, туку ќе обезбедиме поголем простор, комфор и подобри услови за децата од Кисела Вода, а ќе имаме можност да примаме и дечиња од други општини. Сакам искрено да се заблагодарам на Владата на Република Македонија и на Премиерот Христијан Мицкоски за инвестициите и заложбите во сите сфери на општественото живеење кои и на локално ниво значат огромен напредок за секоја заедница. Ова е потврда дека само со заеднички напори можеме да постигнеме трајни резултати-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, упатувајќи благодарност и надеж за успешна соработка и со Министерството за труд и социјална политика и министерот Лимани и зам. министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, со кои, рече дека силно верува дека делат заедничка благородна цел- со иста посветеност, да создаваат услови за посреќно и безгрижно детство на нашите најмлади.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски му честиташе на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за посветената и неуморна работа што ја прави секојдневно во Кисела Вода, како и на сите советници, пратеници, директори, административни служби кои се дел од големите проекти во интерес на граѓаните. Најави нов инвестициски бран во општините кој ќе се одвива во февруари.

-Проектите како оваа градинка, се прават за најмладите, за оние на кои им е потребно, своите најрани години да ги поминуваат во објекти каков што е овој. Тој според рокот ќе биде готов за две години, но убеден сум дека ќе биде и порано. Ние продолжуваме да инвестираме на цела територија на Македонија. Продолжуваме и понатаму, како Влада преку оној проект за децентрализација, од буџетски средства кон општините, да инвестираме на цела територија на Македонија. Веќе неколку проекти во Кисела Вода се потпишани во оној прв бран, сега во февруари ќе има уште еден, втор бран проекти кои ќе бидат потпишани и на тој начин ја заокружуваме онаа инвестициска активност за оваа и за следната 2025 година, по што, веќе почнуваме да правиме планови за следната 2026-та година. Импресионира посветеноста на градоначалниците, чекор што го поздравувам и ги повикувам и понатаму да бидат дел од проектите кои ќе ги финансира Владата-изјави Претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски.

To top