Ви се обраќам со цел да го актуелизираме сериозниот проблем со кој се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства при користење на паркиралиштата на ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) по воведувањето на новата автоматизација. Иако сите ние имаме склучени договори за бесплатно користење на паркинзите, новата опрема нè направи „невидливи“ за системот. Наместо автоматизацијата да ни го олесни движењето, таа стана нова бариера која ни го одзема достоинството, времето, па дури и безбедноста.
На паркинзите со автоматска наплата, принудени сме да чекаме вработен наплаќач да дојде до рампата, да го провери договорот и рачно да нè пропушти. Оваа процедура е длабоко понижувачка и непрактична:
Дете со попреченост често мора да чека само во автомобилот додека родителот трча низ паркингот да го бара вработениот. Оставањето на лице со попреченост без надзор, дури и на неколку минути, претставува директен ризик по неговата безбедност.
Лице со физичка попреченост е принудено да моли за помош или да чека на милост и немилост на метежот, честопати изложено на екстремни временски услови (сонце, дожд или студ) додека се чека на рампата.
Доколку системот е доволно „паметен“ за да наплаќа, мора да биде доволно паметен и да овозможи пристап за оние на кои законот и договорот им го гарантираат тоа право. Современите софтвери лесно поддржуваат т.н. „бела листа“ на возила кои треба да имаат непречен влез.
Нашето барање: Едноставно, изводливо и достоинствено
Бараме од ПОЦ, наместо оваа застарена процедура, итно да овозможи издавање на картички за пристап.
Со овие картички, како корисници со веќе потпишани договори, ќе можеме сами да ја отвориме рампата на влез и излез, без да зависиме од никого.
Трошоците за издавање на картичките сами ќе си ги платиме, со што ПОЦ нема да има дополнителен финансиски товар.
Ова решение ќе ги растовари и вработените на ПОЦ, кои повеќе нема да мораат физички да интервенираат при секое поединечно влегување на нашите возила.
Не бараме ништо повеќе од можност за непречен и достоинствен влез и излез од паркинзите кои секојдневно ги користиме за терапија, училиште или лекарски прегледи. Ова не е само техничко прашање, туку прашање на почитување на основните човекови права и правото на независен живот, согласно меѓународните стандарди и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Се надеваме дека менаџментот на ПОЦ и Општина Центар ќе покажат социјална одговорност и итно ќе изнајдат техничко решение за овој проблем.