Целосно е изгаснат пожарот што избувна доцна попладнето во Расадникот на бул. „Борис Трајковски“ во општина Кисела Вода, нема повредени лица, а е причинета материјална штета. Нормализирано е и снабдувањето со електрична енергија што беше во прекин во дел од општината.
Звонко Томевски, командир на Скопската противпожарна единица, за МИА изјави дека во гаснењето на пожарот што бил пријавен во 16:06 часот учествувале осум противпожарни возила и 15 пожарникари.
-Опожарена е површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрва што се во Расадникот. Пожарот се ширеше на повеќе страни поради горливиот материјал, но не е дозволено проширување кон објектите. За кратко време беше ставен под контрола и целосно изгаснат. Нема повредени. Во тек е дежурство да не случајно се запали повторно некое место, изјави Томевски.
Петходно, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека пожарот во Расадник се шири во сите насоки, нема да се прошири на околните објекти и оти нема причина за вознемиреност и покрај густиот чад што се гледаше од сите страни на градот. (МИА)