Денес, на најголемиот христијански празник Велигден, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со хуманитарната организација „Св. Спас“, предводена од отец Оливер, како и со дел од својот тим, организираше и подели Велигденски ручек за сограѓаните од социјален ризик. Во духот на празникот, со благослов, љубов и искрена грижа за секого, се испрати порака за хуманост, солидарност и заедништво.

– Христос Воскресе! Сите на овој свет сме со некоја мисија, а мојата е да има што повеќе среќни луѓе. Впрочем, тоа е големината на нашата вера и тоа е она на што нѐ учи Христос.
Велигден е празник над празниците, на победата на животот над смртта, ден на благослов, благодарност, на подадена рака и најрадосен ден.
И бидејќи радоста треба да се сподели со сите, денес поделивме Велигденски ручек за нашите сограѓани од социјален ризик, а во соработка со хуманитарната организација „Св. Спас” и нејзиниот предводник – мојот драг пријател отец Оливер, како и дел од мојот тим.

-Ви посакувам честит празник и неизмерна љубов во семејството, мир и бериќет. Посакувам сите луѓе да се среќни! Да правиме што повеќе добрини и да не очекуваме ништо за возврат бидејќи Бог ќе нѐ награди.
Да го славиме животот и да сме благодарни за секој нов ден. Честит Велигден, да сте ми здрави и живи!-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.