Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на завршувањето на капиталниот инфраструктурен проект за изградба на фекална канализација, во најниските делови од источниот и јужниот дел на населеното место Кадино, во општина Илинден.
Се изгради примарна мрежа со припадни краци на фекална канализација во вкупна должина од околу 3.500 метри, директно поврзана со веќе изградената пречистителна станица во населено место Кадино, преку препумпен уред и потисен цевковод, што овозможува целосно функционирање на системот и ефикасно управување со отпадните води.
Проектот опфати изградба на примарна канализациона мрежа со припадни краци, наменета за опслужување на приближно 100 домаќинства. Останатите домаќинства кои не се опфатени во овој дел ќе бидат вклучени во наредните фази од проектот, со крајна цел целосно покривање на населеното место Кадино со фекална канализација.
Градоначалникот Георгиевски, истакна дека реализацијата на овој проект претставува значаен чекор во подобрување на квалитетот на живот за жителите во ова населено место, особено заради решавање на долгогодишниот проблем со фекалните води и поплавувањата.
„Инвестирањето во комуналната инфраструктура е од суштинско значење за локалниот економски развој, заштитата на животната средина и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Општина Илинден ќе продолжи со реализација на вакви приоритетни проекти“, нагласи градоначалникот.
Овој проект претставува дел од стратешките вложувања на Општина Илинден во областа на комуналната инфраструктура, со фокус на одржлив развој и модернизација на урбаното живеење.