Градоначалниците на Скопје и на oпштина Чаир, Орце Ѓорѓиевски и Изет Меџити, денеска најавија реализација на проектот за целосна реконструкција на улицата „Ферит Мурати“, односно „Лазар Трповски“, во вкупна должина од еден километар.
Според Меџити, првата фаза од проектот – реконструкција на првите 600 метри, се реализира со финансиска поддршка од Светска банка во износ од околу 22 милиони денари, додека Општина Чаир учествува со дополнителни 4 милиони денари.
Вториот дел од улицата ќе се изведува преку повик од Владата и со средства од општинскиот буџет.
-Предвидена е целосна реконструкција на улицата, со велосипедски патеки од двете страни, нови тротоари и легални паркинг-места за околу 200 возила. Проектот опфаќа и реконструкција на постојниот кружен тек, како и изградба на уште два нови – кај основното училиште „Исмет Ајли” и кај крајната крстосница, истакна Меџити.
Во рамки на проектот ќе биде поставено и ново улично осветлување. Градоначалникот нагласи дека оваа улица ќе претставува модел за идните инфраструктурни зафати во Чаир и во градот Скопје
Според градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, инфраструктурните зафати во градот треба да се реализираат со јасна динамика, координација и транспарентност, со цел граѓаните да добијат квалитетни и долгорочни решенија.
Ѓорѓиевски нагласи дека секоја општина има обврска да обезбеди современи сообраќајни решенија, уредени пешачки и велосипедски површини и безбедна урбана средина.
Паралелно со овој зафат, Ѓорѓиевски информираше дека се подготвува и реконструкцијата на улицата „Цветан Димов“, една од најфреквентните сообраќајници во општината.
Проектот предвидува проширување на коловозот, уредување на пешачките и велосипедските површини, како и подобрување на сообраќајната безбедност на критичните точки.