Со ниту еден глас против, само 4 воздржани и 17 гласови ЗА од советниците од најразлични политички партии и коалиции, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2024 година, предложен од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со консолидирана вредност од 1.253.541.754,00 денари, или основен Буџет во износ од 659.225.754,00 денари, тој претставува досега највисокиот буџет во историјата на оваа локална самоуправа. Се работи за сума со вредност која е помеѓу 200 и 300 милиони денари повисока од четиригодишните буџети на претходните градоначалници на оваа општина.
Како што истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето образложение, оваа сума се должи, пред се’, на кратење на непродуктивните трошоци, зголемување на приходите, реални јавни набавки и транспарентно и чесно законско работење, а не на подигнување кредити како што тоа го прават некои други општини и Владата.
Овој Буџет е рекорден и по планираните капитални инвестиции во износ од 361,2 милиони денари. Покрај изградба на две детски градинки и основно училиште кои ќе бидат завршени во 2024 година, изградбата на спортската сала во Пинтија и предвидената развојна програма за целосна реконструкција на сала Расадник, ќе бидат реализирани и повеќе други капитални инвестиции. За изградба и реконструкција на улици и патеки се предвидени 94,7 милиони денари, како и дополнителни 6,4 милиони денари за паркинг простор и сообраќајна сигнализација. За изградба и реконструкција на водовод и канализација се предвидени 51,9 милиони денари, за урбана опрема се предвидени 49,8 милиони денари. Предвидени се средства и за реконструкција на улица “Киро Фетак”, за пробивање на нoви улици, за обезбедување на фотоволтаици на основните училишта.
Во овој буџет како никогаш досега акцент се става и врз животната средина.
Ако во минатото финансиски средства се издвојувале само за чистење депонии и исплати на сезонските работници во Буџетот за 2024 година, Општина Кисела Вода има предвидено средства за набавка на возила и друга опрема за чистење во износ од 8,2 милиони денари, развојна програма за изградба и одржување на зелени површини во износ од 12 милиони денари, развојна програма за набавка и поставување на мерни станици за амбиентален воздух во износ од 5 милиони денари, развојна програма за уредување на коритото на река Мала Рада во износ од 10 милиони денари, развојна програма за уредување на коритото на Црн Канал во износ од 7 милиони денари. Дополнително за јавна чистота се предвидени 9,1 милион денари за сезонските работници и за набавка на опрема и материјали за нивните потреби, како и дополнителни 3,2 милиони денари во буџетската програма Р10 наменета за чистење на депонии.
Во Буџетот се предвидени и 19,15 милиони денари за поддршка на локалниот економски развој и енергетска ефикасност.
Покрај сите овие инвестиции кои се планирани во буџетот, продолжуваат сите субвенции кои општина Кисела Вода ги имаше во минатото, вклучително и тие кои воведени во овој мандат. Пари ќе има за субвенции за огревно дрво, за пелети, за новороденчиња, за ранчиња за секое прваче, за униформи за учениците, за одмор, ужинки и партиципација во градинките за дечиња од социјално ранливи категории на семејства, субвенција на струја за социјално ранливи домаќинства, на клубови и здруженија, средства за финансиска помош за лекување и за Новогодишни пакетчиња.
Како и во сите други области, со зголемени средства продолжуваат инвестициите и во културата, а како што истaкна градоначалникот Ѓорѓиевски, обезбедени се и 30 милиони денари за исплата на плати за вработени во детските градинки. Дополни дека инвестициите во образованието и детската заштита ќе продолжат и преку развојни програми кои ќе овозможат да се поставува урбана опрема, да се прават спортски терени и детски катчиња во основните училишта и детските градинки.