Бизнис информатор од денес е достапен за бизнис заедницата од општина Кисела Вода.
Поставен е на општинската веб страница и на едно место, нуди клучни информации за поддршка на бизнисите преку конкретни услуги или иницијативи. Се работи за пилот проект кој го реализираше Општина Кисела Вода заедно со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Оваа интерактивна алатка на деловните ентитети кои се евидентирани на ГИС порталот, им нуди широк спектар на дигитални и административни услуги за поддршка.
-Со денешното пуштање во употреба на новиот Бизнис информатор на нашата веб страница, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност кон создавање на подобри услови за локалната бизнис заедница. Оваа интерактивна алатка, претставува пилот проект кој го реализиравме во партнерство со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите и претставува еден важен чекор во правец на зголемена поддршка за бизнисите. Преку неа, на деловните субјекти им се овозможува брз и лесен пристап до потребните информации за поддршка и развој. Особено е важно да нагласам дека ова е само почеток. Во наредниот период, бизнис информаторот ќе биде надграден со нови функционалности и услуги, со цел уште подобро да одговори на потребите на нашата бизнис заедница. Развојот на поволна бизнис клима е еден од нашите врвни приоритети, и Општина Кисела Вода преку низа чекори секојдневно работи на нејзино подобрување. Веруваме дека преку оваа алатка ќе обезбедиме поголема транспарентност, олеснување на административните процеси и поттик за поинтензивен економски развој во нашата општина. Сигурен сум дека со вакви и слични проекти ќе успееме да ја зајакнеме позицијата на Кисела Вода како динамична и напредна општина, која активно работи на унапредување на животните услови и деловните можности за сите, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Бизнис информаторот на Општина Кисела Вода е достапен на ОВОЈ ЛИНК.