По повод 3 Декември, Светскиот ден на лицата со попреченост, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес присуствуваше на инклузивна детска приредба во ПОУ „Кузман Јосифовски-Питу“. Настанот беше реализиран со примена на знаковен јазик, како израз на инклузивниот пристап на училиштето во кое наставата ја следат и ученици со оштетен слух и говор.
Во рамки на посетата, градоначалничката донираше реквизити за детска игра и развој на моториката, со цел унапредување на инклузивните активности и поддршка на развојот на учениците.
– Денес, на 3 декември, по повод Светскиот ден на лицата со попреченост, сме тука за да испратиме јасна порака дека како општина континуирано се залагаме за еднаквост, рамноправни можности и поддршка за сите граѓани. Инклузијата е еден од нашите трајни приоритети. Активно реализираме повеќе услуги и проекти наменети за лицата со попреченост, вклучувајќи услуга транспорт за стари лица и лица со попреченост со посебно опремени возила заедно со Црвениот Крст, бесплатни логопедски и дефектолошки услуги и психолошка поддршка за семејствата во соработка со Гаспар центарот, стручна поддршка за лица со попреченост во окупационен центар заедно со „Крик“, како и клуб за деца со церебрална парализа кој овозможува социјализација и поддршка за децата и нивните семејства.
Во таа насока, Општината продолжува со унапредување на инклузивните практики, вклучително и преку поддршка на инклузивниот спорт и партнерства со специјализирани образовни установи, како што е ДСУРЦ “Димитар Влахов”-изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.