Етичкото однесување на фирмите, организациите, политичките партии и институциите, во размената на вредности на пазарот, претставува додадена вредност, која граѓаните/клиентите, добавувачите, дистрибутерите, деловните партнери и целата широка јавност го препознаваат и знаат да го ценат. Како и спротивното: неетичкото однесување се казнува со најтешка возможна казна, а тоа е бојкот и бојкотирање на понудата и давање доверба на конкуренцијата.
Во овој контекст, Кодексот на однесување е најдобар водич во струката. Како пример ќе го наведам Етичкиот кодекс на Американската Асоцијација на политички консултанти, како асоцијација на професионалци по политички и јавни прашања: “Како член на Американската Асоцијација на политички консултанти, верувам дека постојат проверени стандарди на праксата до која морам да се придржувам. Јас, затоа, се обврзувам дека ќе се држам до следниот Кодекс на професионална етика: Нема да си допуштам каква и да е активност која би ја корумпирала или деградирала праксата на политички консалтинг; Ќе се однесувам кон моите колеги и клиенти со почит и никогаш нема намерно да ја повредам нивната професионална или лична репутација; Ќе ја почитувам довербата на моите клиенти и нема да откријам доверливи или привилигирани информации добиени во текот на нашата професионална врска; Нема да упатувам апели до гласачи врз основа на расизам, сексуална дискриминација, религиозна нетолеранција или каква да е друга форма на незаконска дискриминација и ќе ги осудам оние што го практикуваат тоа. Наместо тоа ќе работам за еднакви гласачки права и привилегии за сите граѓани; Ќе се воздржам од погрешни или лажни напади на противникот или на членови на неговото семејство и ќе сторам се што е во моја моќ да ги спречам другите да не употребуваат вакви тактики; Прецизно и целосно ќе ја документирам секоја критика на противникот или неговите или нејзините записи; и ќе бидам чесен во мојот однос со новинските медиуми и отворено ќе одговарам на прашањата кога ќе имам овластување за такво нешто”.
Има ли морал и етика кај нас во Македонија?
Содржината на овој Етички кодекс, не доведува во недоумица и дилема да се запрашаме: Има ли морал и етика кај нас во Македонија? Ова прашање можеме да го формулираме и поинаку: Постојат ли основни и позитивни принципи и вредности што не поттикнуваат кон успех и резултати. Дали постои македонско чувство за правда, праведност, законитост, лојалност, успех?
Најконкретно кажано, го загатнуваме круцијалното морално прашање – за личната должност и за моралната одговорност – во работата и животот. Во библиското учење постои голем интерес за личните односи на луѓето. Од таму Библијата не учи на праведност, на доблест и постапување и однесување сообразени со морални норми. Но, 34 годишната практика на плурализам и демократија во Република Македонија не не убеди дека докрај успешно сме ги совладале лекциите на етиката и моралното однесување. Се почестите присутни појави на корупција, непотизам, организиран криминал и непридржувањто на одредбите од законите, се доказ за отсуство на морални вредности и принципи во нашето однесување и работење.
Си дозволувам да ги предложам следните карактеристики и особини за кои сум уверен дека можат само да го поттикнат етичко однесување на секој еден член на општествената заедница:
Мудрост. Интелегенцијата е основна потреба на моралниот живот. Големите мислители, одсекогаш ја истакнуваат мудроста, како валидна особина и карактеристика на лу|ето кои сакаат да управуваат;
Храброст. Секогаш е неопходна(храброста) кога треба нешто да се промени и да се воведе нешто ново. Тоа е способност што добро замислените работи(идеите) ги претвара во пракса и реалност, дури и тогаш кога не постојат најсоодветни услови;
Умереност. Најпожелно е, секогаш и во се да се има мерка. Крајностите(како позитивни така и негативни), знаат да бидат опасни;
Праведливост. Тие што сакаат да бидат успешни во управувањето (се мисли на работите во локалната самоуправа и државно ниво), мора да ја ценат чесноста, почитта на правата кон другите и извржувањето на обврските. Секогаш треба да ја отфрлаат неправедноста, т.е неправдата;
Совест. Тоа е интуиција за тоа што треба или што не треба да се стори. Исто така, тоа е психолошки и морален однос кон последиците и кон одговорностите (“Зошто го сторив тоа, дали требаше да го сторам тоа?”). Некои со право совеста ја сметаат како глас на Бога во самите нас. Други пак чувствуваат дека совеста е осет развиен кај секој поединец врз основа на натрупаното позитивно искуство.
(продолжува)
Сотир Костов