Моралот е суштина на човековото постоење и основна точка на човештината во човекот. Две нешта ја исполнуваат душата со секогаш понов и се поголем восхит и страхопочит колку што размислата почесто и поистрајно се занимава со нив: Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене. Нив не треба да ги барам и да ги насетувам како скриени во темнината или во бескрајот надвор од мојот хоризонт; јас нив ги гледам пред себеси и непосредно ги поврзувам со свеста за моето постоење…Моралниот закон мене ми открива живот независен од она што е животинско и од сиот сетилен свет – живот чија определба не е ограничена на условите и на границите на ова живеачка, туку оди во бесконечност. – Имануел Кант
Народниот гениј би рекол дека работите и состојбите во Македонија дојдоа “нож до коска“. На сите ни догори до под нокти и ни “пукна филмот“, пишува Сотир Костов за „Нова Македонија“.
По незнам кој пат, во последните години, поради неодговорност на надлежните власти(локални и државни) ни горат живи, млади и невини деца и млади, но и повозрасни луѓе. Гореа луѓе во модуларната во Тетово, гореа и гинеа луѓе во Ласкарци, ни изгореа луѓе во автовус на Беса транс, на Дурмо турс, и еве деновиве ни се случи најцрното неделно утро во историјата на Македоинија – во Кочани, во нешто, ниту клуб, ниту кабаре, ниту дискотека, туку супстандарден простор налик на магацин или шупа, изгубивме 59 животи од Кочани, Облешево, Штип, Струмица, Скопје, Пробиштип. Немерлива трагедија, ненадокнадлива загуба. Ни предизвикаа шок. Ни создадоа состојба на ужас. Чувствуваме бол-непребол.
Деновиве сведочиме сестрана, сеопфатна, целосна и продлабочена истрага за пожарот во Кочани, која е во иницијална прва фаза, ама се појавуваат организаторите и агитаторите на политичките хајки и бараат улична правда, прејудицираат одговорност и прогласуваат виновни(“…Убијци, убијци…бараме оставки…“). Тоа е грдо користење на непристојноста и злонамерата како инструменти за канализирање на силните емотивни реакции на членовите на сопствената група, кои далечински се диригирани и инструментализирани.
Наведените настани, кои ни се случија, а притоа не видовме совесно размислување на надлежните и одговорно постапување на институциите за нив, ја поттикнуваат критичката јавност и свест да размислува, да зборува, да пишува и на било кој друг начин да реагира против нецивилизираноста што ни се случува, како во политиката, така и надвор од неа – во бизнисот и граѓанската активност. Таквата нецивилизираност заслужува само наша осуда, секако и поставување на прашања за состојбите, во кои западнавме, за нивните причини, кои ги предизвикаа, и за последиците кои ги трпиме.
Каде се тука разумот, свеста, совеста?
Долго време пред учи ни се случува морална, професионална и политичка перверзија. Ова што во изминатите години ни го сервираа “избраните“, “именуваните“, “поставените“ и наместените, не беше ниту “д“ од демократија, ниту “п“ од правда и праведност. Напротив: прво преку фаворизирање на пријатели и партнери ни наместија кронизам; потоа преку уфрлување во административната вертикала и хоризонтала си ги поставија роднините(сопруги/сопрузи, синчиња/керки, снаи/зетовци, браќа/сестри), со што корнизмот го зајакнаа со невиден непотизам.
И ете ти ја корупцијата во сите пори на општеството. На така поставениот коруптивен терен, годините наназад, создадоа суров монопол на власт, дискрециони овластувања, таму и каде со закон се забранети, со што одговорноста испари, интегритетот беше спечен до корен, а транспарентноста формална, провидна и лажовна.
Доста беше! Под итно треба да се вратат основните нормални правила на етичко однесување, да ги истакнеме професионалните стандарди и да прифатиме дека правните, уставни и законски, норми се задолжителни, за секој еден од нас. Буквално за сите членови на нашата општествена заедница. Тоа е морално! Од една страна ни обезбедуваат безбедност и сигурност во нашите животи, од друга пак страна, значат дисциплина, ред и поредок, неопходни услови за спокоен и хармоничен живот во секоја општествена заедница.
Од каде да се започне со радикалните промени? Нема никакви дилеми, се започнува со должностите наши(дали и како ги обавуваме?) и со одговорноста за и од нив – дисциплинска, прекршочна, кривичноправна и морална. Па нели Кант не учи дека моралот е суштина на човековото постоење, ама ние ука не фативме. Почитуваниот Кирил Темков повеќе од триесет години буквално не моли да ги вградиме етичките принципи во нашето размислување, зборување и дејствување, ама ние глуви при уши и слепи при очи. Затоа назад во училишните клупи и да почниме од начело, велеше еден мој драг учител.
Моралот го изразува етичкиот занес да се постигне доблест во однесувањето на човекот. Во тоа однесување врвен и морален неопходен принцип е етичката ригорозност. Тоа подрабира дека, граѓанската етика на преден план ги става исполнувањето на должноста и одговорноста што произлегува од истата. Тоа е идејата за моралниот квалитет на личноста, која треба да го прави најдоброто.
За ваквата највисока етичка позиција секој треба сам да се избори – со својата животна и работна ориентација, и со своето постојано позитивно морално однесување. Треба да се биде задоен со ваквото сваќање на животот, должноста и одговорноста, и треба така да се биде воспитан. Такви во античко време биле Римјаните(во раните фази на Империјата), а денес се Јапонците, Германците, Евреите и други. Само со беспрекорно исполнување на должноста можат да се направат вистински остварувања на духовно, творечко, организациско, економско и политичко поле. (продолжува)
Сотир Костов