Вести Крводарители најавуваат понагласени чекори ако ова се реализира

Се „готви“ ли ново намалување на бенефициите за крводарителите? Молк од Министерството за здравство

Од Министерството за здравство, пак, не одговорија на нашите прашања дали се точни информациите за дополнително намалување на бенефициите. Молк и на прашањето дали министерот позитивно ќе одговори на барањата за средба со крводарителите.

Се „готви“ ли ново намалување на бенефициите за крводарителите? Молк од Министерството за здравство

Се подготвува ли ново намалување на бенефициите за крводарителите во Програмата за 2024 година? Додека Министерството за здравство молчи, во јавноста овие информации се се погласни.

Со Програмата од оваа година, на крводарителите им беше скратена бенефицијата за покривање на партиципацијата во приватните здравствени установи, за која здравствените власти пред неколку месеци велеа дека е воведена за ковид периодот.

Како на ова гледаат крводарителите, разговаравме со Дамир Смајловиќ, претседател на Здружение на крводарители и поддржувачи на крводарителството „КРВОДАРИТЕЛ Скопје“.

-Бевме затекнати со намалувањето на опфатот на бенефиции бидејќи не беше ниту најавено ниту логички оправдано. Зошто не е логички оправдано/издржано? Министерот за здравство, како и директорите на трансфузија пласираат наратив дека опфатот на ПЗУ за покривање на партиципација е воведен заради олеснување на лечењето на крводарителите за време на короната, што не е точно. Не е точно бидејќи таквото дефинирање на бенефициите е на сила со Програмата за организирање и унапредување на крводарителството за 2019-та година(на сила од 08.01.2019-та), односно една година пред воопшто да биде регистриран првиот пациент со потврдено присуство на КОВИД19 (крајот на февруари 2020-та). Со ова паѓа во вода изговорот зошто е намален опфатот за покривање на партиципација, односно од “ЗУ кои имаат склучено договор со ФЗОМ“ е сменето во “ЈЗУ“(изоставени се ПЗУ како субјекти кои имаат склучено договор со ФЗОМ), истакнува Смајловиќ за Курир.

По однос на информациите за повторно намалување на бенефециите за крводарителите, тој вели дека и тие располагаат со некои информации, но нема да ги коментираат.

– Не би сакале да ги коментираме бидејќи не ги признаваме сите измени кои се донесени од 2007-ма па до денес. Зошто? Затоа што со донесување на Законот за безбедност во снабдување со крв постои член кој дефинира дека при Министерството за здравство треба да се формира “Стручен совет за снабдување со крв“, кој е советодавен, ги разгледува и проучува прашањата од областа на трансфузиологијата и предлага мерки за унапредување на дарувањето на крв. Според наши информации ова тело не е формирано, а законска обврска беше да се формира во период од 6 месеци од стапувањето на законот на сила. Во превод, сите измени од аспект на крводарителство се разгледувани/предложувани/усвојувани од Ад-Хок импровизација која немала надлежност да го прави истото. Свесни сме дека двоецот кој ги крои бенефициите има агенда на намалување на бенефициите, што неволно и со пола уста понекогаш случајно ќе го кажат. Доказ за импровизациите е и една објава од 13.03.2020-та на ФБ страницата на трансфузиологија, односно дека не се свикува СТРУЧЕН СОВЕТ дефиниран во закон, туку поединци состаночат и донесуваат заклучоци како да се цел СОВЕТ, вели Смајловиќ.

Посочува дека од 2018 година во Министерството имаат доставено повеќе барања за приеми/средби/работни состаноци, но речиси сите тие биле игнорирани. Појаснува дека биле примени на состанок во просториите на Црвениот крст каде постигнале начелен договор за, како што вели, хармонизација на односите.

Според Смајловиќ состанокот бил декларативен и освен две учества на работилници на Црвениот крст не добиле ништо.

-За жал, ние како организиција не отстапуваме од залагање во интерес на крводарителите и не планираме да се потчиниме за некои ситни лични интереси, дециден е претседателот на здружението.

Од Програмата за 2024 година не знаат што да очекуваат, но Смајловиќ изразува надеж дека чинителите во системот конечно ќе се свестат дека со 30 годишната пракса на намалување на опфатот на бенефициите не делуваат стимулативно за задржување на крводарителите. Најавува дека доколку се потврди ново намалување на бенефициите, нивните чекори ќе бидат понагласени.

-Имаме некои површни непотврдени информации, но немаме официјална потврда за истите и не би сакале да ги коментираме. Следни чекори доколку се потврди информацијата за дополнително намалување на опфатот на бенефиции ќе бидат истите, само понагласени. На самиот почеток ги споделувавме сите активности и акции, од причина што се во интерес за информираност на крводарителите. Со последната измена на бенефициите донесовме одлука да прекинеме со споделување на информации за акциите, односно да не ги информираме крводарителите за нив, давајќи му го на системот истиот однос каков тие им го даваат на крводарителите. Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ ги уважува само јавните повици за крв, тие кои ќе допрат до нас, а се објавени од пациенти или нивни блиски, бидејќи секој живот е важен, а нашата битка со системот за слушање и уважување на гласот на крводарителите не смее да загрози ниту еден живот на наш сограѓанин. При добивање на информација дека е побарано сами да обезбедат дарители правиме напори да се обезбедат соодветен број дарители со цел да им се помогне на луѓето. Работиме на будење на свеста кај крводарителите, како и освестување на надлежните дека без крводарители имаат само пуста желба за реализирање на годишниот план, вели Смајловиќ.

Додава дека будно ја следат состојбата и редовно проверуваат дали е усвоена некоја измена која би навестила во кој правец ќе се движат бенефициите, но посочува тој, затвореноста на системот, задолжително треба да не вклучи во процесот, а не ветува ништо позитивно.

Од Министерството за здравство, пак, не одговорија на нашите прашања дали се точни информациите за дополнително намалување на бенефициите. Молк и на прашањето дали министерот позитивно ќе одговори на барањата за средба со крводарителите.

Најнови вести од Вести

To top